На корупцијата има кој да ѝ се спротивстави

Кога ќе се спомне зборот „корупција“, најчесто нè потсетува на политичка корупција, односно на политичките партии и сите процеси во општеството поврзани со нив.

Но, во денешно време сведоци сме дека политичката корупција е навлезена во секој сегмент од нашето општество и живот. Успеа навлезе во спортот, уметноста, работата на граѓанинот, на нашите улици…

Кога станува збор за некакви политички избирачки процеси, тогаш корупцијата и најмногу расте. Македонското општество има еден голем тумор, коруптивен може да го наречеме, кој постојано се шири и никако не може да се отстрани. Во текот на избирачките процеси, политичарите во трката се подготвени на сè за да стигнат до моќ и контрола. Кога едно општество има долга пракса на непотизам и вработување со партиска книшка, потоа е многу лесно да се уценува народот.

Најзастрашувачки е фактот што постојат граѓани во нашето општество чиј глас се купува и за само 500 денари во текот на предизборните кампањи. Ветување дека тротоарите ќе им се поправат на улиците, дека ќе се зголемат пензиите, дека доколку дојде некој на власт ќе го поправат заборавениот култерен дом во општината и ред други пример, исто така спаѓаат на некој начин во политичка корупција, бидејќи по завршувањето на изборите, ветувањата се забораваат.

ЦИВИЛ објави публикација за антикорупцијата односно предизвиците што ги носи борбата против корупцијата. Публикацијата претставува избор од содржини објавени во рубриката МИСЛА на веб страницата www.civilmedia.mk од крајот на 2017 до средината на ноември, 2018 година, а организираше и конференција „За општество ослободено од корупција“ на 6 декември 2018, во пресрет на Меѓународниот ден против корупцијата и Меѓународниот ден на човековите права. На конференцијата учествуваа премиерот Зоран Заев, проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини, Розета Трајан и низа други експерти.

Инаку, со години наназад, ЦИВИЛ поведува или се вклучува во иницијативи за борба против корупцијата, а организацијата беше посебно активна во периодот на формулирањето на новиот антикорупциски закон и реформирањето на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

ЦИВИЛ повеќе пати ги повика сите граѓанки и граѓани да пријавуваат секаков облик на корупција, а особено онаа во изборен контекст. Постојаните соработници, поддржувачи, членови, како и дологорочните набљудувачи на ЦИВИЛ, го мониторираат изборниот процес уште од самиот почеток, по распишувањето на претседателските избори на 8 февруари. ЦИВИЛ во континуитет ги мониторира состојбите на човековите права и слободи и општествено-политичките процеси во Република Северна Македонија.

Мониторингот на ЦИВИЛ на денот на гласањето на првиот и вториот изборен круг ќе го спроведуваат околу 160 акредитирани набљудувачи. Набљудувачите се поделени во две групи, според проектите во чии рамки се спроведуваат овие активности и тоа, проектите „Граѓански објектив“, со поддршка од National Endowment for Democracy и проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, во чии рамки е и развојот на медиумската платформа на ЦИВИЛ, а со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Секој од проектите вклучуваат посебен фокус на правото на глас, политичката корупција и изборниот поткуп, заканите и притисоците, како и политичкото финансирање.

Во меѓувреме, Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, објави дека на нивната веб страница може да се поднесе Пријава за сомневања за незаконитости и прекршувања во изборниот процес и во изборната кампања што може да ја пополни секој што има сознананија за евентуални прекршувања на одредбите на Изборниот законик. Исто така, Ивановска потсети дека може да се користат информациите од Регистарот за службени возила на државни органи, локалната самоуправа и сите останати што користат државен капитал.

„ДКСК нема да дејстува на терен, тоа е спротивно на Законот. Но, ние соработуваме со организации што имаат свои акредитирани набљудувачи што ќе имаат теренски активности и ќе можат да пријавуваат кај нас“, изјави, меѓу другото, Ивановска на тематската прес конференција на 3 април.

Ангела Петровска