На чекор до едуцирана изборна администрација

Секогаш кога зборуваме за нерегуларностите во изборните процеси, првa на листата на спроведувачи на истите е изборната администрација.

По дефиниција, изборна администрација ја сочинуваат вработените во стручната служба на Државната изборна комисија, членовите на изборните органи, секретарите на општинските изборни комисии, нивните заменици и други лица, времено ангажирани за изборен процес во помошните тела на Државната изборна комисија. Тоа се луѓето одговорни за тоа како и колку успешно ќе се спроведат изборите и како и колку во самиот процес ќе се почитуваат законските одредби, особено во заштита на гласачкото право.

Со стручната служба на ДИК раководи генерален секретар кој е надлежен за сите вработени во неа, со статус на државни службеници.

Изборните органи се надлежни за спорведување на изборните дејствија на самиот ден на гласање. Секој од изборните органи има свој претседател, членови и нивни заменици.

Општинските изборни комисии имаат надлежности во општината во која се формирани, односно Град Скопје, кога станува збор за локални избори. Тие се надлежни за спроведување на изборните дејствија во изборните единици и избирачките места онака како што се определени со Изборниот законик.

Претседателите, замениците и членовите  на ОИК се избираат од вработените во државната, општинската и администрацијата на градот Скопје, со високо образование, по случаен избор, за време од пет години. Нивни надлежности, меѓу другото, се и именување на составот на избирачките одбори, разрешување на членовите на ИО во случај на нивно противзаконско работење, пред денот на изборите и на денот на изборите, издаваат упатство за работење на избирачките одбори и се надлежни за нивната едукација. Понатаму, ОИК ја контролираат законитоста на работењето на избирачките одбори и интервенираат во случаите кога е констатирана повреда на законитоста во подготовките, кандидирањето и спроведувањето и утврдувањето на резултатите на изборите, како и на упатствата и препораките дадени од неа. Една од важните функции на ОИК е, исто така, да ги информираат гласачите за местото на гласање. Значи, доколку граѓанките и граѓаните не се сигурни каде гласаат, како и за други прашања поврзани со изборниот процес и нивното гласачко право, можат да се обратат во ОИК.

ОИК се надлежни и за приемот на целокупниот изборен материјал од избирачките одбори, ги сумираат резултатите од гласањето за листата на кандидати од избирачките места за кои се надлежни, составуваат записници и истите и ги предаваат на ДИК.

Избирачките одбори се составени од претседател и четири члена. Дел од нив се бираат по случаен избор од државната администрација, а по еден член и негов заменик именуваат политичките партии од опозицијата кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови. Важно е да се напомене дека лицето избрано за член на изборниот орган има право да не прифати да ја извршува таа должност, во случај на болест или семејни причини. Нивната работа на денот на гласањето се дели во две смени за да можат да го остварат и своето гласачко право.

Задачите на избирачките одбори се состојат во непосредно спроведување гласањето на гласачкото место, обезбедуваат правилност и тајност на гласањето, обезбедуваат слободно и мирно одржување на гласањето, го утврдуваат и сумираат резултатот од гласањето на гласачкото место, резултатите од гласањето ги објавуваат на самото место каде што се спроведувало гласањето.

Но, оваа формалност, со описот и надлежностите на изборната администрација, подразбира и флуидна соработка меѓу сите нејзини органи од врвот, односно ДИК, до секој поединечен член на изборачките одбори.

И самиот претседател на ДИК, Оливер Деркоски, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, изјави дека најслабата карика на изборната администрација се токму избирачките одбори. Новина за претседателските избори 2019, е поинаков едукативен пристап на членовите на ИО, но и користење на технолошки алатки што ќе ги применуваат избирачките одбори, со што ќе се забрза процесот на објавување на прелиминарните резултати од гласањето.

Б. Јордановска

 


Повеќе информации за тоа како изгледаат нергуларностите поврзани со изборната администрација преку мониторингот на ЦИВИЛ:
Соочување со гласачката реалност – (не)едуцирана изборна администрација и хаотичен Избирачки список
ЦИВИЛ: Локалните избори во знакот на лоша изборна администрација
Слободни избори: Научени лекции
Избори 2016


Со цел да придонесе кон јакнење на јавната свест за правото на глас, како и за нерегуларностите во изборните процеси, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти на изборните процеси. 

Граѓанките и граѓаните што имаат информации за кршење на правото на глас, злоупотреби, притисоци и други нерегуларности во текот на изборниот процес, можат да пријават на онлајн формуларот Слободни избори или да контактираат со ЦИВИЛ на [email protected], во инбокс на ФБ страницата на ЦИВИЛ или да се јават на 02/5209176.