Љубовната елегија на Виктор

Државниот музичко балетски училишен центар – Илија Николовски Луј, вчера ги додели наградите за најдобрите ученици од учебната 2017-2018 година. Покрај Ивона Базгаловска, ученичка на инструменталниот оддел и Христина Пецовска ученичка на балетскиот оддел, оваа година за најдобар ученик на теоретскиот оддел е награден Виктор Тошевски, ученик со оштететен вид.

ЦИВИЛ Медиа во соработка со граѓанскиот новинар Дамјан Темков, објави неколку стории за Виктор, неговите успеси но и секојдневните препреки со кои се соочува еден ученик со општетен вид.

„Шума на билборди, автомобили, шахти, дупки, помош која постојано доцни, една автобуска карта без придружник, несовесност и дискриминација од институциите се секојдневието на средношколецот и музичар Виктор Тошевски,  кој е роден со оштетен вид.

Со сите препреки на кои наидува се соочува со помошта од неговата мајка, која го жртвува својот живот за да може да ги образува своите два сина, кои, за жал, се со иста судбина.

Музиката е животот на Виктор…“, вака пред седум месеци ЦИВИЛ Медиа заедно со неговиот професор по хармонија ја започна приказната на Виктор.

Според зборовите на неговиот професор Дамјан Темков, Виктор е еден од најдобрите ученици во класот, кој иако поинаков од останатите успешно ги совладува сите предизвици и одлично напредува. Оваа констатација се потврди и со вчерашното доделување на наградата за најдобар ученик во својот оддел.

Сторијата ги разбуди институциите па веќе неколу дена по објавувањето на сторијата за Виктор реагираше неговото училиште од каде тој доби нов преносен компјутер.

Приказната на граѓанскиот новинар Дамјан Темков, професор во ДМБУЦ Илија Николовски Луј, за неговиот ученик Виктор Тошевски која предизвика бура од реакции во јавноста, но започна да ги буди и институциите беше и една од првонаградените стории на граѓански новинари кои ЦИВИЛ ги доделува на секои два месеци.  

„Интересно е како овие реакции кои се појавија по објавувањето на сторијата се одразуваат на правата кои ги има Виктор како ученик. Мојот мотив произлезе од еден момент кога Виктор не беше во можност да доаѓа на училиште, бидејќи немаше услови. Спротивно на оние кои земаат огромни средства за патни трошоци, а ја водат оваа држава, едно дете не може да оди на училиште“, изјави Темков.

Тој наместо да ја прими, првата награда им ја предаде на семејството Тошевски. „Оваа награда ви припаѓа вам“, рече Темков, со што предизвика громогласен аплауз од присутните во салата. Приказната на Виктор и гестот на неговиот професор, го поттикна и второнаградениот граѓански новинар, кој сакаше да остане анонимен, да ја отстапи својата награда на семејството Тошевски, со надеж дека барем малку ќе му олесни во неговите секојдневни училишни обврски.

„Малку ми беше времето кога зборувавме пред камера, уште можев да зборувам и кажувам. Но сакам да има и вредност тоа што ќе го кажам… Да допре онаму каде што навистина треба. Ретки се ваквите слободни медиуми каде можеме да се обратиме. Навистина ми е чест што сум денеска тука, иако не знаев за што се работи и навистина сум му благодарна на професорот Темков“, изјави Лепа Тошевска, мајката на Виктор.

„Среќен сум што има реакција сето ова и благодарам многу!“, возбудено одговори Виктор.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги охрабрува и повикува сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат на семинарите за граѓански новинари, да ги испраќаат своите приказни и да станат дел од силата која полека но сигурно ги менува состојбите во општеството.

Од вчерашното доделување на наградите за најдобрите ученици во ДМБУЦ Илија Николовски Луј

Приказната на Виктор е само една илустрација за проблемите во општеството и начинот на којшто може да се поттикнат промените.

Виктор е инспирација и поттик за своите соученици и доказ дека кога нешто вистински се сака може да се исполни без разлика на сите животни препреки! Честитки Виктор! ЦИВИЛ се гордее со тебе!

Маја Ивановска

This post is also available in: AlbanianEnglish