Кршење на Роковникот „по сите правила и прописи“

Рокот во кој медиумите може да објавуваат резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес истече синоќа на полноќ.

Според роковникот на Државната изборна комисија, резултатите од анкетите може да се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на одржување на претседателските избори и предвремените локални избори во Ново Село, Охрид и Дебар.

Овој роковник, очигледно, не важи и за интернет порталите. Па така, интернет порталот „Бизнис вести“, денеска објави резултати од анкета спроведена од „МАРКЕТ ВИЖН“, спроведена по барање на друг интернет портал Пресинг.мк.

Првичните резултати од нарачателот се објавени вчера, а денеска порталот „Бизнис вести“ ја пренесе анкетата, кршејќи го роковникот на Државната изборна комисија.

Според законите, интернет медиумите не се подложни на регулација, па затоа објавата нема да биде разгледана како прекршување на роковникот и законите.

Ова не е изолиран случај на „кршење“ на Изборниот законик и законите „во согласност со законите и прописите“ од страна на интернет медиумите во земјата. Пред само дваесеттина дена, бевме сведоци на предвремената кампања на кандидатите за претседател на државата на социјалните мрежи и интернет медиумите.

Оттука повторно произлегува прашањето за потребата за само-регулација или регулација на интернет медиумите во вистинска смисла на зборот.

М. И.