Конект, фестивал за интеракција и зближување на средношколците

Средношколски фестивал „Конект“, оваа година започна со натпревар во скејтање во Гимназијата „Јосип Броз Тито“. Фестивалот ќе трае до 28 април со секојдневни настани низ различни средни училишта и завршен настан во Градскиот парк, кај Школка.

“Конект е наменет да ги поврзе младите, односно сметаме дека нема доволно вакви настани во Скопје и воопшто во Македонија, па затоа се покрена оваа иницијатива минатата година од средношколецот Филип Цветков. Оваа година 5 дена се случуваат 5 различни настани во 5 гимназии. Настаните се од културно-едукативен и натпреварувачки карактер”, изјави Лина Иванова, ученичка од СУГС Гимназија “Раде Јовчевски - Корчагин”.

“Конект е уникатен затоа што им ја носи на средношколците надворешната средина кај нив, главниот елемент е што настаните се случуваат внатре во гимназиите, така што тие немора да одат на други места каде што на некој начин би биле пречекани со предрасуди. Кога го носиш настанот во нивната средина, децата се многу поотворени за да дојдат. Има елемент на посесивност – “Мој настан е во мојата гимназија!” и затоа се послободни да земат учество во таков настан. Ќе се потрудиме и идната година да се прошири настанот на други училишта, па и на факултетите”, изјави Игор Антов, поранешен ученик во СУГС “Георги Димитров”.

Второто издание на средношколскиот „Конект“ фестивал, во организација на група ученици и поранешни ученици од петте скопски гимназии „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“ и „Никола Карев“, на посетителите ќе можат да проследат разни активности како натпревар во скејтање, гејминг, разговори, дружење и свирка.

Виктор Нанковски