Кој сè ќе ги набљудува изборите?

Државната изборна комисија ја објави финалната листа на домашни и странски набљудувачи што на 21 април и 5 мај будно ќе го следат гласањето и можностите за било какви изборни нерегуларности.

Акредитираните организации можеме да ги разгледуваме од повеќе аспекти – бројот од набљудувачи, репутација на здруженија или институциите, искуството во изборниот мониторинг и релевантноста на крајните резултати од нивното набљудување.

ЦИВИЛ-Центар за слобода ќе ги набљудува изборите со вкупно 160 набљудувачи.  Мониторинг тимот на ЦИВИЛ е постојано на терен, самата организација постојано добива извештаи за текот на изборниот процес, како од набљудувачите, така граѓанските новинарки и новинари, поддржувачите и самите граѓанки и граѓани за сите можни нерегуларности.

Што се однесува до останатите домашни организации што ќе ги мониторираат претседателските и предвремените локални избори во Охрид, Ново Село и Дебар, прва на листата е МОСТ, како специјализирана организација за следење на изборните процеси од 2002 година па наваму. Оваа година ќе учествуваат со 1940 набљудувачи.

Интересно е што Здружение за Афирмација на хумани вредности и младинска интеграција МАК-СОНЦЕ Скопје, ќе учествува со 583 набљудувачи. Инаку  со истото име се јавува здружение регистрирано во Струга, во 2009 година. Здружението прв пат се појавува за референдумот 2018 со 119 набљудувачи. Непознато е дали имаат некаков извештај од мониторингот на изборните процеси.

Здружение на граѓани за развој и промоција на туризмот, одржлив развој и човекови права АКСИОС 2017 Скопје, што најверојатно е формирано во 2017 година, ќе ги мониторира изборите со 329 набљудувачи. Ова здружение, на пример, во 2018 година од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање, добиле 350.000 денари за заштита на животната средина преку искористување и развивање на модели за социјално и претприемиштво кај образовниот и раководниот кадар на локално ниво.

Националниот ромски центар, на Референдумот 2018 имаа 46, а претседателските избори ќе ги набљудуваат со 20 набљудувачи. Здружените „Инклузива“ во мониторингот ќе учествува со 44 набљудувачи, а за гласачкото право на денот на гласање ќе се погрижи и Здружение на лица со посебни потреби „Заедно можеме“ од Гостивар, со 10 набљудувачи.

Овој пат Македонски центар за култура и развој ќе има 8 набљудувачи.

Интересен е списокот на меѓународните набљудувачки мисии. ОБСЕ/ОДИХР ќе учествува со 195 набљудувачи и 187 преведувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ, пак, ќе има двајца свои набљудувачи. Овие избори ќе ги набљудува и Амбасадата на Руската Федерација во Република Северна Македонија со четири набљудувачи, како и унгарската младинска политичка организација „Фиделитас“ со шест набљудувачи. Инаку, оваа младинска организација е дел од најголемата конзервативна политичка партија во Унгарија „Фидес“ чиј лидер во најголемиот дел од нејзиното постоење, од 1988 година, е сегашниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан.

Вкупно 708 меѓународни  набљудувачи ќе ги мониторираат изборите, од кои 289 преведувачи и 419 набљудувачи.

ДИК акредитираше и вкупно 13 странски новинари, и тоа од новинската агенција Ruptly  ќе го следи изборниот процес еден новинар, од ОРФ – Австриска Радио Телевизија, 4 новинари, БНТ – Бугарска Национална Телевизија ќе учествува со 3 новинари и од Бугарска Национална Телевизија – ТВ НОВА ќе мониторираат 5  новинари.

Биљана Јордановска

This post is also available in: English