Кои се ингеренциите на Претседателот на Републиката?

Врховен командант преку министерот за одбрана, законодавец преку Собранието, назначувач на амбасадори по предлог на Владата, потписник на меѓународни договори по референдумска или одлука на Собранието. Тоа се основните функции на претседателот на државата, дефинирани во Уставот и законите.

Самостојно, претседателот може да помилува, да одликува, да испрати специјален пратеник и да назначи директор на Агенцијата за разузнавање и тројца членови на Советот за безбедност, со кој претседава. Може да прогласи воена и вонредна состојба, ако Собранието не може да се состане, но кога ќе може, мора да ја потврди неговата одлука. Може, по предлог на министерот за култура, и да прогласи национален уметник.

„Претседателот ја претставува Републиката. Претседателот е врховен командант на вооружените сили“, стои во Уставот. „Претседателот го изразува државното единство и ја претставува земјата на меѓународната политичка сцена“, стои на интернет страницата на шефот на државата.

Претседателот, формално, му го доделува мандатот на мандатарот за состав на Владата, со указ ги поставува и отповикува амбасадорите и пратениците на државата во странство, генералите и началникот на Генералштабот на АРМ, ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници.

Формално, претседателот ги потпишува и указите за прогласување на законите. Но, како и најголемиот дел други ингеренции, и оваа е повеќе формална – ако одлучи да не го потпише указот, должен е да го потпише ако Собранието повторно го изгласа законот. За закони донесени со двотретинско мнозинство, претседателот нема право да не го потпише указот.

„Во рамки на надлежностите на Претседателот на Републиката е и да предлага двајца судии на Уставниот, двајца членови на Судскиот, а предлага и двајца членови на Советот за радиодифузија. Претседателот го предлага и гувернерот на Народна банка, кој потоа го именува Собранието“, се наведува на интернет страницата на претседателот.

Претседателот на Републиката ужива имунитет, а по престанокот на функцијата, тој и неговото семејство уживаат и посебни права.

Игор К. Илиевски