Кога Исус одел бос

Ангела Петровска

Третиот ден од кампањата на претседателските кандидати продолжи со исто темпо, истото се повторува, само со променети зборови во подготвените говори.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова, на вчерашниот митинг во Кавадарци изјави пред граѓаните дека сè што постигнала во животот не можела да го постигне ако не би била во Македонија. Не заборави да спомне дека ситуацијата во државата е толку многу лоша, што и Владата заборавила да ја облече Армијата и дека ја оставила боса, иако ситуацијата во државава отсекогаш била иста.

„Заборавија дека и народот ни е бос, заборавија дека и Исус одел бос…“, додаде Силјановска

Споредбата со Исус, не сакам ни да ја коментирам, не знам ни што сакаше да ни порача професорката Силјановска, не сакам ни да претпоставувам, затоа што нема смисла.

Силјановска потоа почна да зборува за навиката на непотизмот во нашето општество и рече дека кога би била претседателка, таа ќе ставела крај на партизираните и политизираните луѓе во институциите, заборавајќи од која партија добива поддршка за овие избори и што сè се случуваше во тие 11 години кога беа неприкосновена власт.  Kолку партиски книшки требаше да се издадат за да стигне некој до некаква работа… Сепак, не велам дека и порано го немало тоа или дека сега е нешто променето. Напротив.

На крајот, „Гога“ додаде дека не треба да се оди во Брисел, дека нивната власт е власт на Титаник, и дека Европа ќе препознае какви квалитети може да има државава и тогаш тие ќе дојдат тука. Јас само сакам да потсетам на случајот „Титаник“ кој се однесува на десетина дела поврзани со изборна кражба, каде се обвинети азилантот Никола Груевски и сегашен почесен претседател на партијата, како и Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска, поранешни функционери во ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осмели, по настапот на Гордана во Кавадарци, да го спомне трагичниот случај со Мартин Нешкоски, кој се случи во 2011 година, кога Нешкоски беше брутално претепан и убиен од страна на припадник на специјалните полициски сили „Тигри“ на плоштадот Македонија во Скопје, за време на прославата на изборната победа на предвремените парламентарни избори на тогашната владејачка политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски го обвини Заев дека тој сега не се не запрашал што прави и како е семејството на Нешкоски. Патем, трагичен случај, болен, кој тогашното раководство на МВР, на чело со Гордана Јанкуловска (ВМРО-ДПМНЕ), се обиде да го скрие од јавноста. Но, по протестите од граѓаните, тие беа „принудени“ да го откријат случајот и вистинските причини. Мицкоски не заборави да ги спомне и осудените за 27 април, кои насилно влегоа во Собранието, заборавајќи да ги спомне оние кои беа помилувани од законот, само затоа што не се „обичен народ“.  По сѐ изгледа, и претседателот на партијата и нивната кандидатка забораваат на минатото на нивната партија.

Конвенцијата на претседателскиот кандидат поддржан од владејачката СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, се одржа во Скопје, во ВИП арената, започна со музички настапи како Дарио, Владо Јаневски, Златко Ориѓански, Бени Шакири… и потоа со излегувањето на Пендаровски, кој ја натера цела сала да ја пее химната на државава, заедно со Весна Гинова Илкова, за да докаже дека со Договорот од Преспа не се забранува пеењето на истата и потоа извикуваше заедно со публиката „Македонија, Македонија, Македонија…“. Штета, не беше до него Заев, за да му шепне како на Анѓушев: „Северна Македонија“.

И премиерот Заев излезе со говор на Конвенцијата, кој ми се чини траеше и подолго од сите оние на Пендаровски, како тој да е кандидатот за Преседател или како да се подготвуваат за нови парламентарни избори. Заев ја повтори изјавата дадена во „Печат на неделата“ со Орданоски на 1ТВ, па рече дека е подготвен и селфи со Мицкоски да направи, но дека тој немал капацитет. Мислам дека можам да зборувам во името на сите кога ќе кажам дека ни е „преку глава“ од нивните препукувања и шеги едни за други. Заев рече дека Мицкоски нема да се откаже од политиките на Груевски и нема да признае ниедно криминално дело, заборавајќи дека и тој истото би го направил и го прави…

Пендаровски рече дека Северна Македонија за прв пат имала можност да има столче во НАТО и дека од неа ќе направат голема воена и економска моќ, но не го објасни патот до таа позиција. Како ќе стане Македонија голема воена сила, кога Северна Македонија има граѓани кои немаат вода да пијат? Кога најниската плата што толку многу се зголемуваше, сè уште е 12 илјади денари?

Да не заборавиме дека вчера му беше на Пендаровски роденден, па така Силјановска му честиташе на Твитер, а тој ѝ се заблагодари… за искрените честитки.

Третиот претседателски кандидат Блерим Река, вчера кампањата ја продолжи во општина Арачиново, каде им порача на граѓаните да не прифаќаат камуфлажни понуди, затоа што се штетни за Албанците.

„Не треба да станеме гласачка машинерија, вие ја имате силата во ваши раце затоа кого ќе гласате: братот или соседот. Другите ви кажуваат дека треба да го гласате соседот наместо братот, јас ви кажувам да го гласате братот“, им порача Река.

Река има поддршка од Алијансата за Албанците и БЕСА, па неговиот говор, како и оној на Зијадин Села и Билал Касами, исто така, изгледаа како да се подготвуваат за предвремени парламентарни избори. Села им порача на граѓаните дека секоја акција на Али Ахмети била штетна за самите Албанци.

Билал Касами им порача дека „доста е албанските гласачи да гласаат за македонски кандидати“ и дека е време и Македонците да гласаат за еден албански кандидат, за да си докажеме сите дека сме европејци.

За какви европејци ќе зборуваме и за какво еднакво и заедничко општество ќе зборуваме, кога сè уште се делиме по нација и покажуваме кој ќе бидат супериорен и кој треба да гласа некако за да докаже дека го почитува другиот?

На крај, нема ништо да заклучам, само останува да видиме до кога обичниот народ во ова заборавено место ќе трпи нечија злоупотреба, до кога ќе ни ставаат „тагови“ на наши и нивни, за свои одредени политички цели… и нивните огромни пратенички плати (и оние од бизнисите на страна).

Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.