Ќе се сети ли некој на државава? – кампања, ден 12

А. Петровска 

Деновите од претседателската трка течат, продолжуваат разните ветувања на кандидатите, напаѓањата едни кон други и посетите во градовите низ државата, а и помалите општини и села.

Се чини дека овие помали села, со популација и помала од 3000 граѓани се заборавени од политичарите, но секој пат кога тие имаат потреба од поддршка, одат да ги посетат граѓаните и им даваат разни ветувања. Како што и впрочем сме навикнати.

„Ќе направиме канализација, ќе изградиме патишта, автопати, ќе имате струја…“, се чини како да не е 21 век и како да не е веќе 2019 година, и уште повеќе, како да не се претседателски избори, туку парламентарни, па дури и локални. Градењето патишта, автопати и воспоставување на електрична енергија во рурални средини не е надлежност на претседателот на државата!

Граѓаните ги гледаат со очи полни очекувања, се надеваат дека некој конечно ќе им помогне, а она што го прават политичарите за нив е многу малку.

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски беше во посета на Илинден, Петровец и Зелениково. Во собир со граѓаните, каде се поздравуваше со сите, им соопшти дека сите сме исти по вера, нација, но и по политичка партија. Пендаровски може сакал да каже нешто друго, дека сите сме еднакви без разлика на верата, ако ја имаме или не, еднакви сме и без разлика на тоа на која нација припаѓаме, но дека сме сите исти по политичка партија, не сме. Впрочем, тоа и тие самите треба да го знаат, не треба ние да ги учиме.

Некои имаат одредени политички идеолошки погледи, некои се лево, некои се десно, а некои немаат правец.

Кандидатката Гордана Силјановска Давкова не се појави на митингот во Крушево, а нејзиното отсуство го оправда на Фејсбук.

„Почитувани, од здравствени причини не бев во можност да бидам присутна на митингот во Илинденско Крушево. Ќе дојдам во вториот круг, ви ветувам“, напиша Силјановска на Фејсбук. Таа вчера сепак се појави на митингот во Прилеп.

Таму, пак, уште на самиот почеток, еден граѓанин од публиката и викна: „Ова е Прилеп претседателке“, за да ја потсетат, да не се случи повторно некоја грешка како со Кавадарци и Неготино, Кичево и Кочани…

„Да, знам дека е Прилеп, посебна прилика да се слуша химната“, одговори Силјановска.

Говорите на политичарите продолжуваат со истата реторика како и секогаш, истото го ветуваат, па така Силјановска вети дека нема да има да нема политички реваншизам, селективна правда и да нема една група олигарси. Силјановска ветува многу работи, иако и ние самите сме свесни тие работи не се можни. Како е можно да нема политички реваншизам кога најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ секојдневно си испраќаат по 10 соопштенија на ден, каде се „препукуваат“ за работите кои ги правеле и ги прават сè уште?

Напаѓањата продолжуваат. Обвинување секогаш еден кон друг.

„Што направивте вие? А не, не, што направивте па вие?“… вечно во круг, а се чини дека никој не го презема првиот чекор.

И кампањата на претседателскиот кандидат Блерим Река останува истата. Дури веќе немам ни зборови со кои можам да ја искоментирам. Река изјави дека доколку Албанците не се дел од највисоките државни структури, нема да бидат еднакви. Ова мене не ми звучи некако многу ветувачки и сигурно. Сè што слушам јас кај кандидатите е: „Гласајте ме мене, ќе биде подобро“, ама потоа гледаме дека повторно не е.

Државата ни остана заборавена од светот, сите се вработија во јавна администрација, сите земаа партиски книшки, обоени црвени или сини, луѓето се во најголем конфликт досега, дали си на една страна или друга… и ред други работи.