Кампања, 11 ден – очекувања и побарувачки

Дијана Тахири

Како што се наближуваат претседателските избори, така се множат и активностите на кандидатите за претседател на државата. Штабовите на независниот кандидат Блерим Река и натпартискиот кандидат Стево Пендаровски – коректни во исвестувањето на медиумите за нивните претходни и претстојни активности. Од штабот на независната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска -Давкова најверојатно се попребирливи, па внимателно ги бираат медиумите на кои што ќе им праќаат „доверливи“ информации за нивните претходни активности.

Натпреварот помеѓу кандидатите за позабавна кампања, се заострува. Јавноста со нетрпение го исчекува настапот на Силјановска – Давкова во недела на „Еден на еден“, за коешто шоу веќе има  видео – тизер со рокенрол маневри на кандидатката. По тоа што можевме да видиме, Силјановска ќе ни приреди извонредна забава. За разлика од нејзините суви, но со тешка вмровска реторика – говори по митинзите.

Кампањата на натпартискиот кандидат на владината коалиција Стево Пендаровски  во текот на вчерашниот ден ја промовираше министерот за здравство, Венко Филипче, а кандидатот својата програма ја претстави во Виница и Зрновце. Во промотивен спот за потреби на кампањата и претставување на кандидатот Пендаровски во најдоброто можно светло од семеен аспект, се појави сопругата на Пендаровски, Елизабета Георгиевска. Таа на јавноста и порача: „ За него неуспех не е опција. Тој е столб на семејството, таков ќе биде и за својот народ, за својата земја. Затоа знам дека со него сите ќе одиме напред“, најверојатно читајќи од екран, или научила напамет што треба да каже за својот сопруг. Културно, без емоции, и стерилно.

Независниот кандидат за претседател со претензии за воведување на нова позиција во државниот врв – заменик претседател, или како што често изјавува Река – „вајс президент“, со промоција на својата програма во текот на вчерашниот ден го посети Велес и околните села. Кај безличната реторика на Река нема некоја промена, освен што полека почнува да се обраќа на подиректен начин и на гласачите од неалбанско потекло. Деновиве Река, односно, неговиот ангажман како  Амбасадор на Македонија во ЕУ, е предмет на јавна „истрага“ во смисла на тоа кој го предложил, и чија е заслугата за таа позиција. На дебатната емисија на ТВ Алсат, синоќа гостуваше претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, којшто на прашање од модераторката дали Река бил предложен од ДУИ, одговори потврдно. Но, кога водителката му посочи дека Река во една прилика изјавил дека тој во Брисел бил назначен за Амбасадор на земјата по препорака на поранешниот европски комисионер Оли Рен, на Ахмети автоматски му се врати помнењето и изјави дека всушност Река лично го замолил Ахмети да го прати во Брисел. И тој го пратил. Кој тоа таму лаже, прашањето е сега?!?

Се на се, кампањата ги  зближи граѓаните во гледање сеир, но, се чини дека ги оддалечува од евентуалниот избор за избор на посакуван претседател.