Каде се парите за превоз на средношколците од Прилепско?

На прилепските средношколци кои живеат во руралните средини не им е обезбеден бесплатен превоз, што е нивно законско право. Од почетокот на учебната година, учениците на настава доаѓаат со автобуси, комбиња или нивните родители ги носат со свои приватни возила, на сопствен трошок. Реакциите на родителите не стивнуваат, но надлежните молчат.

Моника и Живко Степаноски од прилепското село Тополчани револтирани затоа што, еве веќе четврт ден оддвојуваат по 160 денари за да ги платат трошоците за превоз на својата ќерка до средното училиште „Орде Чопела“ во градот, денеска се обратиле и до градоначалникот Марјан Ристески. Но, наместо средба со Ристески или друг надлежен во Општината, биле запишани во списокот граѓани, кои треба да чекаат на ред.

„Покрај книгите што ги купуваме, овој е дополнителен трошок, значи од својот џеб треба да го плаќаме превозот за нашите деца, кои доаѓаат во Прилеп. Дневно нѐ чини 160 денари, а месечно би дошло преку 100 евра. И не е само тоа, детето го праќаме од село, мора да има пари и за храна, треба нешто да јаде денеска. А, од каде да најдеме пари? Се занимаваме со земјоделство, но субвенциите за тутунот, за млекото, не ни се исплатени и не можеме вака да врземе крај со крај. Доколку Општината не најде начин да ги плати трошоците, јас на моја одговорност ќе го блокирам патот Прилеп-Битола, на клучката кај Тополчани“, изјави Живко Степаноски во разговор со граѓанскиот новинар Зоран Милошески, соработник во проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ.

Освен Степаноски, до редакцијата на ЦИВИЛ, со свои реакции се обратија и други жители на прилепските села. Тие првично реагирале во фирмата „ДАНИ-транс“, која што минатата година го добила тендерот за превоз на ученици. Од сопственикот Слободан Велјаноски добиле одговор дека прилепските училишта не ги платиле обврските ниту за минатата година.

ЦИВИЛ Медиа го праша сопственикот на фирмата превозник, зошто за средношколците од Прилепско нема превоз годинава. Велјаноски е категоричен дека нема да врши превоз сѐ додека не му бидат исплатени преку милион денари, долг за минатата година.

„Имам потпишано договор за превоз на ученици со пет училишта. Во едно училиште ми плаќаат помалку, отколку што е договорено, а јас вршев превоз на поголем број ученици. Ми платија само еднаш, околу 160.000 денари за октомври. Оттогаш до денеска ми должат просечно по исто толку средства месечно. Директорите на училиштата креваат рамена, немаат одговор, велат дека Општина Прилеп не им ги префрлила парите. Но, јас ќе одам до крај, парите мора да ми ги исплатат. Одговор барав од советникот за образование, Марјан Матракоски, но безуспешно, до денеска пари на сметката нема“, вели Велјаноски.

Советникот за образование во Општина Прилеп, Матракоски, не одговари на нашите телефонски повици и пораки. ЦИВИЛ побара одговор и од Општина Прилеп. Одделот за односи со јавност нѐ упати на кабинетот на градоначалникот Ристески, но и оттаму не добивме никаков одговор.

Од Министерството за образование и наука пак се децидни дека одговорот за проблемот треба да се бара исклучиво во Општина Прилеп.

„Согласно со закон и според однапред утврдената динамика, која што им е позната на општините, сите блок дотации од Министеството се трансферираат навреме. Според тоа, кои се причините што Општина Прилеп не ги исплатила парите, таму треба да го барате одговорот. Општината распишува тендер и ги одредува критериумите за превозниците“, изјави за ЦИВИЛ, Горан Галевски, портпарол на Министерството за образование и наука.

После сѐ, останува нејасно каде се парите наменети за превоз на прилепските средношколци и кој ќе им ги покрие трошоците на родителите?!?

Моника Талеска