Изложба: Фотографии на слободата

ЦИВИЛ ФЕСТ во организација на ЦИВИЛ - Центар за слобода нуди можност, на креативен и инспиративен начин со мултимедијални активности да се одбележи Меѓународниот ден на човековите права и 70 годишнината од Универзалната декларација за човекови права.

Посветен на граѓанското новинарство и активизмот во име на слободата, правдата и еднаквоста, На Програмата на ЦИВИЛ ФЕСТ е и мултимедијалната изложба на фотографии под наслов „Фотографии на слободата“ или #FreedomPhoto со стотици фотографии што ги одбележуваат граѓанското новинарство и активизмот за човекови права од почетокот на проектот „Граѓански објектив“ до денес.

Изложбата #FreedomPhoto ќе се отвори на 10 декември, понеделник, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 14 часот, веднаш по настапот на Dancers United. Дел од изложбата ќе бидат повеќе од 50 фотографии во различни формати. Неколку стотици фотографии ќе бидат дел од слајд проекциите со фотографии на многу различни теми од многу различни настани. Дел од посетителите можеби и ќе се препознаат, ако биле дел од активностите на ЦИВИЛ или во бескрајните поворки од луѓе на протестите во изминатите години.

Фотографиите ќе ги престават активностите на граѓанските новинарки и новинари, бројните настани поврзани со нив и нивните стории и бурните настани забележани од тимот на ЦИВИЛ и бројните активисти во текот на изминатите три години. Овие фотографии се авторско дело на десетици граѓански новинарки и новинари, како и на тимот на ЦИВИЛ.

Дводневниот мултимедијален хепенинг ЦИВИЛ ФЕСТ нуди многу забава, музика, уметност, креативност, дискусија, можност за запознавање и дружба.

Фестивалот е дел од проектот „Граѓански објектив“, посветен на транспарентни и одговорни политички процеси, преку граѓанско новинарство и активизам, што ЦИВИЛ го спроведува од октомври 2015 година, со поддршка на National Endowment for Democracy.

Биљана Јордановска