Изборниот законик да се фрли во канта!

Немало печат на гласачките ливчиња, поништи ги... Ама изборната администрација заборавила да стави печат! Па што ако, поништи ги, тоа се само гласови, ништо особено.

Целото семејство отсекогаш гласа на истото избирачко место. Сега, еден е избришан, еден го преместиле на друго избирачко место. Малтретирање, нервози, понижувања... Де, де, голема работа, тоа се само гласачи.

Џабир Дерала

Сметки, покани за суд, полиција на врата, сѐ за некој што никогаш не сте го виделе, а живее под вашиот покрив. Фантом. Е, сега претерувате! Ситница! Мала грешка во системот. Па мора и фантомите некаде да живеат! И тие се гласачи! И навистина, што ќе прави Грујо ако се врати во политиката, наместо во затвор? Како ќе мести избори?

Да, тоа се само гласачи. Обични вреќи од коски и месо. Неважна роба на долните рафтови на продавницата за шарени лаги.

Стотици, илјадници (!) страници испишавме со овие случаи, дадовме предлози како да се решат проблемите. Избирачкиот список е добар, тврдат институциите пред секои избори. На денот на гласање - купишта проблеми. Е, ама чекајте, тоа што го говорите вие е последица од Изборниот законик, тој е троа излижан!

Да се само гласачите... На крајот на краиштата, нели, тие се неважни. Нивниот кусок секогаш може да се надоместат со фантоми, политички и социјален инженеринг, нови поделби, толкувања, амандмани, подзаконски акти... Кога ни тоа не бива, почнуваат пазарлаци...

Изборниот законик е како швајцарско сирење. И првиот човек на Државната комисија кажа дека не го бива! Конечно, некој од одговорно место (барем така вели законот) да го потврди тоа што со години го повторуваме. И, отприлика таму некаде завршува приказната...

Не знам дали веќе сум ви раскажал како течеше процесот на измени во Изборниот законик, тоа е посебно комична сторија со трагични елементи. Ајде, накратко... Пред референдумот, на самиот раб на правните и демократските стандарди (ако сакаме да бидеме попустливи), Правда, странците и ен-џи-о експерти, но и многу фолиранти, организираа серија консултативни средби за измените. Сѐ заедно испадна дека е само уште една димна завеса со која изгледаше како да се работи за партиципативен процес, ама Собранието си донесе измени по свое. Не сум сигурен дека ги прочитале, ако воопшто ги добиле препораките од тој процес. Знаете што? Ама баш ич не е важно.

Деновиве добивам многу повици од различни страни, меѓу кои и новинарски прашања за тоа што не чини во Изборниот законик. Изморен сум од тоа да го одговарам прашањето за кое сум испишал стотици страници и сум говорел безброј пати. Без успех.

Решив да ја скратам приказната и го кажав, отприлика, следното:

Нема потреба од нови корекции на Изборниот законик, мора да престанеме со прекројување на старо одело на кое му фалат ракави, копчиња и преполно е со дупки што ги направиле злонамерни или неспособни политички молци и стаорци. Изборниот законик, едноставно, треба да се прогласи за отпад, без можности да се рециклира. Да се напише нов Изборен законик!

И не е само Изборниот законик. Постојат законски одредби што ја третираат изборната материја, а кои не се во меѓусебна хармонија, не се усогласени, а често се и контрадикторни самите во и меѓу себе. Откако ќе се напише новиот Изборен законик, тој треба да се хармонизира со сите останати закони што имаат влијание врз изборните процеси. Погодувате, тука најмногу мислам на борбата против корупцијата. Јас не сум правник и немам намера да бидам. Ама знам што е правда и владеење на правото. Знаат повеќето луѓе, без оглед дали живеат на село или в град. А најдобро знаат тие што се паталци, а еден од нив сум и јас.

Немам намера да пишувам закони, за тоа има луѓе што сите ние ги плаќаме. Законите мора да ги пишуваат експерти и практичари, а не политичари.

Има нешто нејасно тука?

 

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.