Избирачките одбори се најслабата карика на ДИК

„За однесувањето на најважната клетка во целиот изборен процес, Избирачките одбори, кои што, за жал, се и наша најголема слабост, ние во соработка со Инклузива во моментот вршиме обука на луѓе што во следниот период ќе вршат обуки на избирачките одбори. Но, не како досега што се правеа, во една голема сала со 1.000 луѓе и трае 45 минути, па никој нема да слушне и разбере, туку обуките ќе се вршат во групи од 30 учесници на еден добар и организиран начин… во таа обука ќе бидат вклучени лица од организациите на лица со попреченост, со цел членовите на избирачките одбори да ги разберат потребите на овие лица“, изјави Оливер Деркоски, претседател на Државната изборна комисија на промоцијата на мониторинг извештајот „Референдум за сите“, на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.

Набљудувачите на „Инклузива“ за време на Референдумот беа лица со попреченост, кои набљудуваа колку се почитуваат законските одредби за оваа група граѓани од ДИК.  На терен, според извештајот, најмногу критики беа упатени токму кон Избирачките одбори.

„Еден од набљудувачите детално опиша како, поради неорганизираност и недоволно присуство на сите членови, се случиле поголеми нерегуларности. На избирачкото место број 1014/1 (Куманово) беџовите на членовите на ИО не се видливи. Не се знаело кој во која улога е, кој како стигнал кинел ливчиња, проверувал со УВ ламба и прскал со спреј. Еден член на ИО предвреме скинал 8 гласачки ливчиња од кочанот и како пристигале гласачите, така им ги делел. Никој не реагирал“, изјави Благица Димитровка, претседателка на Инклузива, илустративно прикажувајќи ја работата на ИО.

Ова е само еден од многуте примери на изборни нерегуларности за време на Референдумот забележани од набљудувачите кои и самите се лица со попреченост. Најголем дел од нерегуларностите се однесуваат на непристапноста на гласачките места, користењето на граничникот за потпис, шаблонот за гласање на слепи лица, недоволната информираност на гласачите со попреченост.

„Имено, бројката на лицата со попреченост не е воопшто занемарилива, таа изнесува 15% од вкупната популација, а недостигот на политичка волја да се адресираат нивните специфични проблеми во голема мера придонесува за опстојување на постојната стигма, дискриминација, стереотипи и предрасуди“ – се тврди во извештаите на Инклузива.

Јавните седници на ДИК ќе се преведуваат на знаковен јазик/Фотографија: Б. Јордановска, ЦИВИЛ

Деркоски, исто така, истакна дека за некои пропусти влијае и тоа што ДИК има недостаток на кадар, па за време на избори се бара помош од други институции со стручен кадар.

Но, позитивна промена би била доколку, како што најави Деркоски, одсега па натаму, јавните седници на ДИК би имале преведувач на знаковен јазик.

На промоцијата зборуваа и лицата со попреченост, што за време на Референдумот во 2018 биле и набљудувачи, споделувајќи ги своите искуства и упатувајќи препораки до ДИК како да се справи со проблемот што во континуитет го имаат лицата со попреченост во остварување на своите гласачки права.

Инклузива се заблагодари за помошта и поддршката низ годините на сите странски и домашни организации што го препознале проблемот на оваа група граѓани.  За време на локалните избори во 2017 година, Инклузива учествуваше со 10 свои набљудувачи во мониторинг тимот на ЦИВИЛ.

Биљана Јордановска (текст, фотграфија, монтажа)
Камера: Дехран Моруатов