„Имамот“ Груби од ДУИ со екстремен говор на омраза

Дијана Тахири

Ако на почетокот на кампањата за претседател на државата имавме силен впечаток дека кампањата не е претседателска, туку парламентарна, сега, пред самиот ден на гласање, не само што не е претседателска, туку веќе не е ниту парламентарна, туку е кампања против еден од кандидатите, придружена со екстремен говор на омраза.

Партнерот во владината коалиција којашто за свој заеднички кандидат го избра и промовира Стево Пендаровски за претседател на државата, Демократската унија за интеграција, на своите митинзи за поддршка на својот кандидат, наместо да го поддржи и да ја промовира неговата програма, упорно тера кампања против еден противкандидат. ДУИ, како определба и програма за кампањата одбрале да се занимаваат со сѐ, освен со промоција на својот кандидат. Тие очигледно решиле да тераат валкана политичка кампања што само наликува на парламентарна, но којашто е секако далеку и од тоа.

Во нивниот дел од кампањата, тие одбрале да се занимаваат со претседателскиот кандидат Блерим Река, како  предмет на исвиркување, понижување и подсмевање. Што се однесува до промовирањето на коалицискиот кандидат Пендаровски, неговото име, доколку се спомнува, е на некое минимално ниво, а се промовира со само неговиот број 3, на гласачкото ливче. И, според лидерот на ДУИ, Ахмети, се промовира консензуалниот аспект и концепт и, како што изјави, не било важно дали ќе победи Пендаровски, туку дали ќе победи концептот. Заборавајќи дека на овие избори, во нивната кампања, олицетворение на тој концепт е кандидатот Пендаровски.

На вчерашниот митинг на ДУИ. пред споменикот на Скендербег во Стара Чаршија во Скопје, меѓу другите, говореше и Артан Груби, кој пропушти да зборува за програмата на својот кандидат и се осрвна на „големите остварувања“ на ДУИ во минатото и, секако, не заборави да го спомне противкандидатот Река, прикажувајќи го неговото презиме како неалбанско, што според него,  автоматски значи дека е исклучен од секаква етничка, културолошка и идеолошка поврзаност со Скендербег, на кој, пак, според следбениците на ДУИ, тие имаат ексклузивно право, како најдоблесни наследници на ликот, делото и потеклото на Скендербег, како и на други албански народни херои.

На крајот од својот говор, Груби го употреби го името и презимето на Блерим Река, употребувајќи екстремен говор на омраза, ставајќи го во контекст на дел од погребен ритуал, како последен поздрав до починатиот, а кој го преиначи за свои цели, и кој  гласи: „Блерим, син на Хамза, не на Кастриот, туку на Река“ .

На претседателските избори во 2014 година, ДУИ ги бојкотираа изборите во вториот круг, со што му овозможија втор претседателски мандат на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, со порака до тогашниот кандидат на СДСМ, Пендаровски: „Stevo, tung e ke!” што во слободен превод на македонски значи „Стево, чао“. Со истиот поздрав се послужија и за кандидатот Блерим Река: “Blerim, tung e ke” („Блерим, чао!“).

Во делот на кампањата што треба да ја води ДУИ за својот кандидат за претседател на државата, никаде не се спомнува противкандидатката Силјановска, иако се смета дека е посилен противник на Пендаровски, отколку кандидатот Река.

Дали раководството на СДСМ, како најголемата партија од владината коалиција, ќе дозволи и понатаму ваков екстремен говор на омраза од страна на својот коалициски партнер и дали ќе се осмели да интервенира кај својот партнер, дали Државната изборна комисија ќе преземе одредени мерки против ваквото недолично и крајно нехумано однесување од високото членство на ДУИ, и дали граѓанскиот сектор и пошироката јавност ќе реагираат, не само на ова длабока девијација, туку и на секоја следна, ќе биде една од причините за одлуката на граѓаните за пониска или повисока излезност на изборите, а да не зборуваме и за конечната определба за неопределените, па дури и за веќе определените.


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.

Повредата на авторските права е забранета со закон. 

Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.