Граѓанското новинарство на барикадите на вистината и слободата

Кога лица во цивилна облека и со исукани пиштоли го апсеа возачот на комбето на Шарената револуција по протестот под мотото „Хорхе, ти си срам за Македонија!“, без образложение го приведоа во полициска станица и го држеа таму со часови без да му ја кажат причината за апсењето, една граѓанска новинарка направи неколку фотографии од тој настан и ги испрати на ЦИВИЛ, организација за човекови права која води проект за поттик и јакнење на граѓанско новинарство во Македонија.

Информацијата допре до 20.000 луѓе само на Фејсбук, веќе во првиот час по објавувањето на информацијата. Стотици луѓе беа алармирани во доцните вечерни часови, а дел од нив се појавија пред полициската станица во знак на солидарност со својот сограѓанин кој секој ден, од малото комбе пушта музика и пораки за слобода, правда и демократија.

Овој настан се случи само неколку часа пред овој текст да биде завршен. Овој пример е само еден од стотиците примери за одважноста на граѓанските новинари, како во нашата земја, така и насекаде во светот.

fight-apathy-02

Граѓанските новинари се последната барикада на слободните медиуми, последната линија на отпорот против корпоративната политика на корумпираните моќници. Меѓународните стандарди, напредните закони кои ја бранат слободата на изразувањето и медиумските слободи, државни механизми за заштита на демократијата, комисии и регулаторни тела… Сето тоа, во тажниот и тревожен пример на Македонија, се покажува како подложно на корупција, извитоперување, манипулација и диктат на една клика. Сите стандарди и закони паднаа згмечени од чизмата на еден систем кој го разработи една клика што на својата агенда нема ништо друго освен да се освои и задржи моќта, а моќта да се употреби за да се украдат што е можно повеќе пари и уште повеќе моќ.

Во тоа менгеме се притиснати и медиумите и консументите на медиумските содржини. Многумина од новинарите и уредниците ја играат својата неславна, валкана и неморална улога со години, оставајќи го зад себе достоинството на професијата и оддаваат слика на мизерни човечки суштества. Понизни прислужници на своите газди, тие деноноќно лажат и мразат. Сè што не можат или не смеат нивните стопани да кажат, кажуваат тие. Сè што им е потребно на комерцијалните спонзори да прикријат, тие прикриваат. Сите спреги меѓу политиката и бизнисот, секоја валкана зделка меѓу узурпаторите и примитивните газди на компаниите, тие се подготвени да ги претворат во политички, економски, деловен, „дил-ориентед“ успех.

Но, на тоа му дојде крајот. Граѓанските новинарки и новинари му дадоа ново темпо, нова енергија на ова време – невреме. Тоа што медиумите одбираат да го прикријат, граѓанските новинари го откриваат. Тие се новите воини на страната на фактите и вистината. Граѓанските новинари истражуваат, снимаат, фотографираат, прават интервјуа, прибираат сведоштва и докази за сè што моќниците го кријат преку своите медиумски манипуланти.

Граѓанските новинарки и новинари се тие што ги пробиваат тајните комуникации меѓу партиските војници кои ги газат човековите права и слободи, известуваат за апсења на активисти и за полициска бруталност, за криминалот на властите.

img_6323

Без професионална надградба, без акредитиви и логистичка поддршка која секој новинар ја има (или би требало да ја има) од својата редакција, без никаква заштита, овие храбри луѓе имаат една единствена цел: да ги откријат фактите и да ја кажат вистината.

Една редакција може да ја чини многу време и големи пари за да истражи и објави една сторија, со сиот ризик, на крајот, тоа да не ги содржи сите потребни елементи за да биде вистинита и во одбрана на јавниот интерес да се знае вистината за луѓето, настаните и процесите во едно општество. Гигантските скокови во развојот и пристапноста до новите комуникациски технологии, социјалните мрежи, веб страниците кои се евтини за регистрација и лесни за дизајн и употреба, паметните телефони, таблетите и лаптопите – станаа нови алатки на граѓанките новинари. Тие се често во првата линија на настаните или самите се учесници или жртви во настаните. Помогнати од технологијата, тие се побрзи од традиционалните медиуми кои, робувајќи им на комерцијалните стандарди, ни оддалеку не успеваат да ја задоволат жедта за доследно и објективно информирање на јавноста.

За мобингот на работното место, за партиските притисоци врз социјално загрозените лица, за манипулациите со гласачкото право, за криминалот и корупцијата, за сиромаштијата, полициските злоупотреби и киднапирањето на институциите, медиумите и општеството – тоа ретко кој новинар во недемократско општество може да го открие и објави, а и да го направи тоа, може да биде предоцна, а и да подлегне под притисок на структурите на моќта. Но, тоа можат да го направат граѓанските новинарки и новинари!

Како што демократијата постојано се освојува благодарение на активистите за човекови права, така и вистината се освојува благодарение на граѓанското новинарство. Се разбира, со помош на технологијата и интернетот.

Џабир Дерала


civiv-lenses-logo-en-lf-200x166Оваа содржина е дел од публикацијата „Ние сме медиумите“ која ЦИВИЛ - Центар за слобода ја објави во рамки на проектот Граѓански објектив.