Граѓански објектив продолжува со засилено темпо

Граѓанското новинарство е поттик за сите граѓанки и граѓани што сакаат активно да се вклучат и со својата иновативност, креативност и сосема едноставни, а практични технолошки алатки, да придонесат за промени во општеството.

„Учествуваме, набљудуваме, известуваме!“ е слоганот на новата серија регионални семинари и работилници за граѓанско новинарство кои ЦИВИЛ ги организира во третата година од спроведувањето на проектот „Граѓански објектив“.

Досега се одржа семинар во Скопје и работилница во Штип. На повидок е уште една работилница во четврток во просториите на ЦИВИЛ со почеток во 16 часот.

Пријавувањето за учество на работилницата се врши по електронска пошта ([email protected]) со испраќање основни податоци на кандидатите (име и презиме, година на раѓање, телефонски број, адреса на живеење/престој). За повеќе информации, кандидатите може да се јават на 02/5209076. Право на учество имаат само кандидати од Скопје. Другите заинтересирани ќе имаат можност да учествуваат на наредните регионални семинари.

Предвидени се уште 13 еднодневни семинари и неколку работилници ширум Македонија каде учесниците ќе можат преку практични примери што предизвикале општествени и политички промени, како и преку  своите активности да научат како можат да влијаат за подобрување на состојбите во општеството како на локално, така и на национално ниво.

На сите граѓанки и граѓани, на располагање им стојат повеќе ресурси за обука во областа на граѓанското новинарство, како што се веб-страницата Граѓански објектив и Фејсбук страницата Грѓански новинар(к)и на Македонија.

Проектот е посветен на транспарентни и одговорни политички процеси преку поддршка и популаризација на граѓанското новинарство. Граѓанското новинарство има исклучително значење во општеството како алатка преку која се поттикнува транспарентноста и одговорноста на институциите и носителите на одлуки на локално и национално ниво. Проектот, исто така, придонесува кон јакнењето на јавната свест, граѓанската едукација и активизмот на граѓанките и граѓаните кои се залагаат за почитување на човековите права, слободата на изразувањето, демократијата и слободните избори.

Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.