Граѓанските новинари навистина прават промена!

(Влијание, Ние сме медиумите, 2.дел)

Граѓанските новинарки и новинари чии прилози беа објавени од страна на ЦИВИЛ, поттикнаа огромен интерес во македонската јавност во повеќе наврати. Воедно, прилозите на граѓанските новинар(к)и побудија и брза реакција од страна на некои институции во обид да се решат прашања поттикнати од самите граѓански новинари. Постојат многубројни примери каде што институциите реагирале на прилозите доставени до ЦИВИЛ, и тоа во областите на јавните набавки, социјалната правда, политиката, полициското постапување и низа други области. Граѓанските новинарки и новинари создаваат промена!

Кога еден граѓански новинар испрати видео и фотографија од градежни работници што работеа за време на топлотниот бран во Скопје, властите реагираа. Министерството за труд и социјална политика казни над 80 фирми, од кои 64 градежни фирми и 13 земјоделски фирми. Ова значително придонесе кон подобрување на некои аспекти на работничките права во летото 2017 година. И тоа само со еден видеоприлог на граѓански новинар. За време на изборите, граѓанските новинари известуваа за голем нерегуларности, кршењето на правото на глас и на изборниот молк, поткупот на гласачите, злоупотребата на малолетници и многу други прашања во рамките на тензичните изборни процеси што земјата континуирано ги доживува. Извештаите на граѓанските новинарки и новинари придонесоа за седум од осум приведувања на осомничени лица за поткуп на гласачи во текот на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. Ова вклучуваше директори на јавни претпријатија и еден градоначалник. Кога граѓански новинар сними видео од незаконско апсење на демонстранти во Скопје, на крајот од јуни, Министерството за внатрешни работи веднаш реагираше. Четири полицајци беа санкционирани за злоупотреба на службената должност.

Спортската сала во градот Крушево беше запоставена од страна на властите, сé додека еден граѓански новинар не направи серија фотографии од ова јавно место. Општинските власти започнаа со реновирање на салата веднаш откако фотографиите беа постирани на нашата веб-страница „Граѓански објектив“ (www.clp.mk). „Двегодишно дете-питач е жртва на системот“ е назив на текст заснован на прилог на граѓански новинар. Детето беше вратено кај својата мајка откако текстот беше објавен, по интервенција на социјалната служба.

Фотографии и видеозапис од нерегистрирана градинка во Скопје, која вршеше религиозна индоктринација на деца, не само што предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи, туку влијаеше и врз министерствата за труд и социјална политика, за образование и за внатрешни работи. Работењето на градинката веднаш беше прекинато, додека Министерството за внатрешни работи започна истрага и за други можни вакви субјекти. Граѓанските новинар(к)и го привлекоа вниманието на јавноста во однос на објектите за управување со отпадот во Охрид и Струга, кои беа лошо управувани и претставуваа извор на загадување и опасност од ширење болести. Улични кучиња и мачки беа исфрлени сред ваквите објекти. Некои од нив умреа во сообраќајот, обидувајќи се да избегаат оттаму. Откако прилозите на граѓанските новинар(к)и беа објавени, директорот на претпријатието за комунална хигиена во Охрид поднесе оставка, додека општинските власти ветија дека ќе ја подобрат состојбата со управувањето со отпадот во овие градови. И списокот со примери продолжува.

Граѓанските новинари секојдневно ги постираат своите наоди на социјалните мрежи, го привлекуваат вниманието на институциите и властите, поттикнуваат јавна дебата и придонесуваат кон промени во општеството.

Продолжете така!

This post is also available in: English