Награди за граѓански новинар(к)и кои јавуваат за изборни нерегуларности

ЦИВИЛ – Центар за слобода, на само три дена пред изборите ќе одржи церемонија за доделување пет награди за граѓанско новинарство, како дел од активностите на проектот „Граѓански објектив“. Церемонијата ќе се одржи в четврток, 8 декември, во хотел Сити Парк, со почеток во 12 часот.

На церемонијата ќе се презентираат најуспешните прилози на граѓанските новинарки и новинари кои се однесуваат на изборниот процес и кои беа испратени во изминатите два месеци.

Овој проект ги следи најактуелните настани и процеси во земјата и наградува најуспешни прилози на граѓанските новинарки и новинари.

Неодамна, ЦИВИЛ ја објави публикацијата „Ние сме медиумите!“ каде што се објавувени искуства, извештаи и извонредни текстови на автори кои пишуваат за слободата на изразувањето, за трансформацијата на медиумите, за македонските состојби, за историјата на граѓанското новинарство…

Проектот е посветен на промовирање одговорни и транспарентни политички процеси во Република Македонија, преку обуки за граѓанско новинарство, медиумска продукција и јакнење на јавната свест. Веќе втора година, проектот го финансира National Endowment for Democracy.

Граѓанските новинарки и новинари можат да испраќаат прилози до ЦИВИЛ на онлајн формуларот на веб страницата Граѓански објектив.