Героски: Граѓанското новинарство треба да го таргетира изворот на лажните вести

„Граѓанското новинарство влијае така како што е пожелно. За општеството благопријатно дејствува кога новинарите влегуваат во водите на граѓанскиот активизам. Исто така, мислам дека на новинарството поволно делува кога граѓанските активисти и граѓаните воопшто се обидуваат толку колку што им дозволуваат можностите и новите технологии, а тие дозволуваат сè повеќе, да се занимаваат со новинарство. Тоа е еден нов и корисен наплив на енергија воопшто во медиумите и тоа се одразува на севкупната општествена состојба“, изјави новинарот Бранко Героски, воедно и еден од предавачите на семинарите што ЦИВИЛ ги организираше како дел од проектот „Граѓански објектив“, зборувајќи за влијанието и промените кои може да ги донесе граѓанското новинарство.

„Граѓанските новинари се сензибилни околу прашањата како што се слободите и правата на граѓаните, слободите и правата на заедниците на маргинализираните групи, на животните… Мислам дека тоа во земјата е главниот дискурс, тој наплив на нова свежина, на нови луѓе кои не се професионални новинари сепак внесува една нова свежина и нов поглед на нештата и во таа смисла јас не ги гледам тие две страни како спротивставени, туку обратно, гледам еден потенцијал за развој и на граѓанскиот сектор и на новинарството воопшто“, истакна Героски.

Што се однесува до лажните вести Героски смета дека самиот термин некогаш погршно се разбира, а многу често и злоушотребува, па граѓанските новинари треба да се фокусираат пред сé  на изворот на лажните вести.

„Лажните вести потекнуваат од центрите на пропагандата, а главните центри сепак се владите и некои структури што се афилирани  околу владите и исто така структури кои се во опозиција и структури што се афилирани околу нив. Според тоа, станува збор за доминантно политички феномен поврзан со пропагандата. Граѓанското новинарство и новинарството воопшто треба да ги разобличува не самите лажните вести, не да ги демантираат, туку да ги таргетираат изворите на лажните вести… Да, вистината е најдобар лек за лагата меѓутоа ние сме во ситуација кога имаме многу силна тензија, многу голем притисок од овој феномен и мораме да се соочиме и да го нападнеме изворот на лажните вести. Ова, во овој момент, особено тука за нас во Македонија клучна работа бидејќи тоа е тренд и во светот“, изјави Героски.

Одговарајќи на прашањето за неговото искуство со ЦИВИЛ и граѓанското новинарство, Героски рече дека се надева како предавач на еден од семинарите за граѓанско новинарство, завршил некаква работа и дека помогнал во насока на јакнење на капацитетите на таа група ентузијасти да се занимаваат со она што сега се занимаваат. Што се однесува до соработката со ЦИВИЛ Героски е сигурен дека таа ќе продолжи плодоносно како и до сега и дека и понатаму ќе придонесува во зголемување на влијанието на она што ЦИВИЛ го работи преку проектот „Граѓански објектив“.

Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов