ДУИ води кампања за Стево, но без Стево и неговото име

И втората недела на предизборната кампања за претседателските избори ДУИ ја тера кампањата  на ист начин. Без спомнување на името на кандидатот за кој водат кампања, и без негова фотографија. Но, ако за ова неофицијално се правдаат дека тоа е заради агендата која ја имат сите партии кои го поддржуваат, па и самиот кандидат Стево Пендаровски, тешко е да се најде  оправдување за една друга појава.

На митинзите, постерите и другите рекламни материјали на ДУИ за оваа кампања  името на Стево Пендаровски не постои, а по штабовите во разни населени места ја нема ни сликата на кандидатот за кој оваа партија ги бара гласовите од својот електорат. Наместо името на кандидатот Стево Пендаровски, на сите материјали,  и на бините на митинзите пишува само консензуален кандидат, а наместо ликот на кандидатот во штабовите се гледа ликот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Ахмети е лично присутен и на главните митинзи кои ги одржува оваа партија.

Тоа што исто така се забележува е и фактот дека митинзите на ДУИ за овие избори се одржуваат во затворени простории, со значително помал број на присутни во споредба со парламентарните и локалните избори кога се борат за нивни кандидати.

Арбен Зеќири