Граѓанските новинари известуваат за протестите пред Собранието

Граѓанските новинарки и новинари се активираа во последните два-три дена, со прилози од протестите, како и со „улов“ од социјалните медиуми, каде што посведочија и документираа експлицитен говор на омраза. Граѓанскиот новинар, Марин Гавриловски, од лице место на вчерашните протести, испрати фотографија и сведоштво за говорот на омраза и националистичките пораки на демонстрантите.

Протести во одбрана на името, Собрание на РМ, Скопје, 17 јуни 2018

На вчерашните протести во одбрана на името, демонстрантите се судрија со полицијата. Демонстрантите предводени од Комитите, фрлаа молотови коктели и камења на полицијата, која одговори со солзавец.

ЦИВИЛ објави повик до граѓанските новинарки и новинари да испраќаат прилози во кои ќе се документира и разобличи говорот на омразата, но ги повика и институциите на соодветна реакција:

„Прилозите во кои се документира говорот на омразата ќе бидат објавувани на медиумската платформа на ЦИВИЛ, но воедно ќе се алармираат и соодветните институции со барање да се санкционира ваквото однесување. Исто така, организацијата ќе ги алармира институциите и јавноста за експлицитниот говор на омраза на дел од јавните настани (протести) во овој период и ќе побара да бидат преземени соодветни законски мерки против организаторите на овие настани и против лицата кои шират говор на омраза и повикуваат на насилство. Драгоцен е придонесот на граѓанските новинарки и новинари во овој наш заеднички напор да му помогнеме на нашето општество да заздрави.“ – се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

Б. Ј.

This post is also available in: English