Бачовска: Резултатите од првиот круг беа предвидливи

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први", Јасна Бачовска Недиќ, на дебатата по завршувањето на првиот круг од претседателските избори, која ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода даде своја оценка за тоа како измина изборниот ден.

Пред се Бачоска ја искоментира изјавата на претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, дека Изборниор законик сè уште се наоѓа во лоша состојба.

„Видете, тоа е една страшна изјава. Замислете да се амнестирате од својата одговорност затоа што некој законик бил толку пати менуван. Значи тоа е еден правен хаос, каде што ние немаме правни правила и не се правно дефинирани работите. Тоа не го амнестира претседателот на ДИК во однос на сите пропусти коишто мислам дека и не беа толку многу големи“, вели Бачовска.

Бачовска смета дека во таа консолидација на јавната администрација треба да се работи повеќе и на составот на Државната изборна комисија, напоменувајќи го токму фактот дека тие се постојано, а не ад-хок тело, коешто со овие проблеми треба да се занимава постојано, меѓу сите изборни циклуси.

Во однос на изборниот ден Бачовска смета дека ваквите резултати беа предвидливи.

„Многу ме разочара фактот што политичките партии направија многу малку во кампањите. Значи цензусот директно зависи од тоа што ќе се направи и која енергија ќе се вложи. Гледаме која енергија се вложува во демократските земји за да се извадат апатичните од дома. А тука високо исполитизираните треба на некаков начин да ги мотивирате... Сега демократијата се мери со тоа колку ние го имаме тоа чувство дека одлучуваме во ова општество. Веќе не се мери демократијата во смисла дали имате поделба на власт, туку чувствата кај една индивидуа“, смета Бачовска.

Таа додаде дека во Македонија институцијата претседател е премногу девалвирана и претежно доминираат партиите.

„Ние сè уште зборуваме за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а ликот на претседателот никаде го нема“, вели Бачовска.

Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска
Фотографија: Џабир Дерала