АВМУ: Двете вработувања се согласно Изборниот законик за претседателските избори

„Согласно Изборниот законик, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е должна да го следи изборното медиумско претставување од денот на распишување до завршувањето на изборите. Имајќи го предвид бројот на радиодифузери, Агенцијата нема ни приближно доволно човечки ресурси за спроведување на надлежностите и обврските утврдени со Изборниот законик, поради што години наназад за време на изборни циклуси ангажира надворешни соработници за мониторинг на програмите како и за изготвување мерки за констатираните прекршувања – на пример, за време на локалните избори 2017 беа ангажирани 24 лица, од кои 3 правници. Соработниците се ангажираат преку Агенција за привремени вработувања, врз основа на утврдените потреби и барања од секторите во Агенцијата чија работа е поврзана со изборните процеси. Работниот ангажман на овие соработници е со ограничено времетраење, односно до завршување на активностите на Агенцијата поврзани со изборите“, соопштуваат од АВМУ како реакција на двата отворени предмети за изборни вработувања на ДКСК.

АВМУ извести дека стои на располагање на  ДКСК за сета потребна документација. Како што велат двете вработувања се привремени и се за потребите на мониторингот на изборниот процес. Дополнително тие соопштија дека ангажирале и седум соработници за мониторинг на програмите, додека по отпочнување на кампањата на 1 април дополнително ќе бидат ангажирани уште 15 соработници.

„Ваквиот ангажман е во согласност со Изборниот законик, кој предвидува дека може да се започнуваат постапки за вработување, во случај на итни и неодложни работи. Потврда за ова се и претходно доставените мислења од Државната комисија за спречување на корупцијата дека нема законска пречка Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да ангажира надворешни соработници за мониторинг и за изработка на прекршочни постапки за време на избори“, стои во соопштението.

Б. Ј.