Прилог на граѓански новинар ги разбуди крушевските власти!

Прилогот на граѓанскиот новинар, Сотир Габелоски, за спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“ во Крушево, ја разбуди од сон локалната самоуправа.

Општина Крушево вчера објави соопштение во кое, како што велат, салата била санирана и исчистена и дека се воведуваат правила за нејзино користење. Во соопштението стои дека секој кој ќе сака да ја користи спортската сала ќе треба да уплати 300 денари за еден час, на сметка на општината.

Иако општината тврди дека овој начин на користење го воведува за прв пат, граѓанскиот новинар тврди дека ваквиот начин на користење на салата бил промовиран уште пред повеќе од една година. Габелоски вели дека, освен што е сменета бравата на влезната врата од салата, таа сè уште е лесно достапна бидејќи скршените прозорци не се заменети со нови.

Во продолжение на соопштението од општина Крушево е наведено дека во изработка е проект за целосна реконструкција на спортската сала, финансиски поддржана од Европската Унија, иако истата била реновирана пред 6 години, односно во 2011. Реакцијата на локалната власт во Крушево следува по фотографиите објавени на веб-страницата Граѓански објектив која им припаѓа на сите заинтересирани за граѓанско новинарство. Во прилогот објавен тогаш, беше прикажана очајната состојба на спортската сала, со искршени прозорци и без брави на вратите.

Во изминатите две години од проектот „Граѓански објектив“, прилозите на граѓанските новинарки и новинари ги поттикнуваат властите во земјата да преземат чекори кон решавање на проблемите на граѓанките и граѓаните.

Маја Ивановска

This post is also available in: AlbanianEnglish