При реновирано училиште, учениците сè уште користат полски тоалет

По дојава на граѓански новинар од село Дрвош, кој сакаше да остане анонимен,  екипата на ЦИВИЛ Медиа сними видео прилог  и фотографија што ја отсликуваат вистинската слика на хигинеските услови во подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во 21 век. 

Според информациите на граѓанскиот новинар, иако дел од училиштето е реновирано уште пред неколку години, учениците учат во старите простории и го користат стариот полски тоалет без врати, без септичка јама и во руинирана состојба.

Оваа информација за ЦИВИЛ Медиа ја потврди и еден од вработените во училиштето, кој не сакаше да зборува пред камерата.

Како што известува граѓанскиот новинар, освен што е штетно по здравјето на децата, при негово користење децата можат и сериозно да се повредат.

Новиот реновиран дел од училиштето се користи само  како избирачко место во изборен период. Селото Дрвош спаѓа под Општина Босилово.

Во неделата жителите на Дрвош гласаа на Референдумот за или против рудникот Иловица, токму во новиот дел. Денеска учениците првиот училишен ден го почнуваат во стариот руиниран дел на училиштето.

Дехран Муратов

This post is also available in: AlbanianEnglish