Кукаст крст до штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде што Иванов сè уште е кандидат за претседател

Нацистички кукасти крстови и знамето на вергина се испишани веднаш до партискиот штаб на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во Автокоманда. На овие претседателски избори партијата настапува со слоганот „Правда за Македонија“, меѓутоа очигледно не ги забележуваат нацистичките кукасти крстови кои се до нивниот штаб, информира граѓански новинар кој сака да остане анонимен.

Интересно е тоа што во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во скопска Автокоманда нема плакати и пропаганден материјал на кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова, туку сè уште стојат плакатите на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов.

Прашањето е – кој од ВМРО-ДПМНЕ се трка за претседател на државата, Силјановска Давкова или Иванов?

Нацистички симболи исто така може да се забележат и на градските автобуси. На едно седиште во еден автобус на ЈСП има испишано НН и кукаст крст како и броевите 14 и 88. На прв поглед, освен кукастиот крст, другите симболи за обичниот човек не значат ништо, но 14-те зборови всушност е фраза што ја користат предоминантно белите националисти. Најчесто се однесува на слоган од 14 зборови: „Ние мора да ја обезбедиме егзистенцијата на нашите луѓе и иднината на белите деца“. Исто така може да се однесува на друг слоган со 14 зборови: „Затоа што убавината на белата Ариевка не смее да исчезне од земјата“.

Исто така бројот 88 го означува бројот на нео-нацистичка група во Србија – Терор 88, додека бројот 14 е симболот и на нео-нацистите од Украина – Ц14, кои се препознатливи по тоа што ги претепуваат Ромите и ги палат нивните кампови.

Национализмот или нео-нацизмот нема да запре сѐ додека политичарите се „слепи“ и не ги гледаат симболите кои им се пред очи, ниту додека во нивните јавни настапи велат дека не гледаат „ништо страшно“ ако кажат „Македонија на Македонците“, како што Силјановска Давкова ги зема пример токму Србија, односно праша ако може „Србија на Србите“ зошто да не може да кажеме „Македонија на Македонците“…

Дехран Муратов

Leave a reply