ЦИВИЛ и граѓаните заедно бараат одговор

0

Иницијативата #БарамОдговор на ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува и на улица. Организацијата најави дека ќе постави штанд утре (8 февруари) во 12 часот, кај Меморијалниот парк на паднатите борци во Скопје, (кај крстосницата Палета / Градски ѕид, во близина на книжарницата „Или-Или“). На штандот на ЦИВИЛ, граѓан(к)ите ќе имаат можност да поставуваат прашања и да бараат одговори од јавни личности, политичари, институции во врска со сите проблеми што ги мачат. Инаку, иницијативата #БарамОдговор за првпат беше промовирана на улиците на Скопје во втората половина на 2016 година, како дел од проектот „Граѓански објектив“. 

Една од најсподелуваните видео видео содржини на Фејсбук беше видеото: „ДИК, оставка кога?“, објавено на 11 декември 2017 година. Два дена подоцна почнаа да паѓаат оставки од членовите на ДИК. Видеото беше наградено во редовните наградни циклуси за граѓанско новинарство.

Идејата на иницијативата е граѓан(к)ите преку видео да поставуваат прашања до носителите на одлуки на локално или национално ниво, односно до институциите. ЦИВИЛ ќе ги адресира поставените прашања до соодветната институција или личност и ќе ја извести јавноста ако и кога ќе добие одговор на поставените прашања. Постои можност и за анонимно поставување на прашања на тој начин што, едноставно, камерата ќе биде насочена во друг правец.

На штандот на ЦИВИЛ заинтересираните ќе можат да се запознаат и со другите проектни активности на проектот „Граѓански објектив“ и да аплицираат за учество во големиот семинар што ќе се одржи 16-17 февруари во Велес.

Тие што нема да стасаат да дојдат на штандот на ЦИВИЛ, имаат можност, како и досега, прашањата во видео формат (или слефи видео) да ги испратат на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на Граѓанските новинар(к)и (во инбокс) или на мејл адресата civil.macedonia@gmail.com.

Проектот „Граѓански објектив“ е поддржан од National Endowment for Democracy.

Д. Муратов