Голем семинар за граѓанско новинарство на ЦИВИЛ во Велес

ЦИВИЛ организира голем семинар за граѓанско новинарство на 16 и 17 февруари (викенд) во хотел „Гарденија“ во Велес. Бројот на е ограничен на 25 учеснички и учесници, а право на учество имаат заинтересираните од целата земја. Од почетокот на проектот „Граѓански објектив“ во 2015 година до денес, речиси илјада млади луѓе беа посетители на семинарите и работилниците за граѓанско новинарство. За разлика од повеќето семинари одржани во текот на проектот, кои беа еднодневни, на општинско или регионално ниво, овој семинар се одржува на национално ниво и ќе трае два дена.  

На семинарот може да се пријават сите полнолетни граѓанки и граѓани од цела Македонија. Сè што е потребно е добра волја, желба и ентузијазам. И се разбира, да се пријавите на овој ЛИНК. Посебна комисија ќе ги верификува и одобрува пристигнатите пријави и мотивациите на учесниците за нивно учество.

Дводневниот семинар за граѓанско новинарство ќе опфати теми што ќе им помогнат на сите идни граѓански новинарки и новинари да изградат вештини и да стекнат практични знаења од областа на новинарството, објективното и навремено информирање и известување, како и за придобивките на модерните технологии и комуникациски платформи.

На овој семинар ќе бидат претставени и неколку нови компоненти на проектот, преку кои е олеснето директното учество на сите заинтересирани во имплементацијата на проектот, дел од тимовите на медиумската платформа или во работата на ЦИВИЛ како организација, воопшто. Од искуството на организацијата, познато е дека голем број членови на проектните тимови прво биле посетител(к)и на овие семинари. Воедно, граѓанските новинарки и новинари што учествувале на овие семинари, подоцна станале и набљудувачи на изборните процеси, со минимални дополнителни обуки пред да бидат акредитирани.

Воедно, на овој семинар ќе биде претставена компонентата „медиуми на заедниците“ што има цел да формира два тима што ќе бидат финансиски поддржани од ЦИВИЛ да започнат свој блог или веб страница со информативни содржини за локалните настани. На тој начин, учеството на семинарот ќе биде и своевидна подготвителна селекција на најуспешните што ќе добијат можност да стартуваат свој медиумски проект.

Тимот од искусни предавачи на семинарот ќе говорат и за кооперативното новинарство, што накратко, претставува можност за соработка на заинтересираните со професионалните новинарки и новинари на ЦИВИЛ МЕДИА.

За повеќе информации, ЦИВИЛ ги повикува сите заинтересирани да постават прашање на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на Фејсбук страницата на граѓанските новинар(к)и, а секако да ја посетат и веб страницата на проектот „Граѓански објектив“ или пак, уште веднаш да станат дел од иницијативата #БарамОдговор.

Семинарот е бесплатен. Сите патни трошоци за учесниците ќе бидат покриени во висина на автобуски билет, трошоците за храна и сместување ќе ги покрие организацијата.

#ГраѓанскиОбјектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа и за долгорочно изборно набљудување. Овој проект веќе четврта година придонесува кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

Б. Јордановска

This post is also available in: Albanian English