Доделени уште пет награди за најуспешните граѓански новинар(к)и

ЦИВИЛ денеска додели уште пет награди за најуспешните и највлијателните стории на граѓански новинар(к)и.

Овој пат наградените стории се однесуваат на проблемите со екологијата и урбанистичкиот хаос, како и на насилствата и говорот на омраза кои се сè поприсутни во изминатиот период со оглед на политичките и општествените состојби во земјата.

Една од двете четврти награди отиде во рацете на анонимна граѓанска новинарка за фото-сторијата „Следи ги своите соништа“.

„Следи ги своите сништа“ и „Откажано од ВМРО-ДПМНЕ“ е своевидниот дијалог меѓу графитите на овој ѕид во центарот на Скопје.

Мелиса Муриќ, добитничка на четврта награда

Другата четврта награда ја доби граѓанската новинарка Мелиса Муриќ за сторијата „Навредлив графит за бездомничка во Скопје “.Во близина на Народна банка или УЈП, на едно од зелените површини кај Маџир Маало во Скопје, пред неколку месеци никна импровизирана куќичка од даски, картони, лимени табли… Во таа куќичка живее една жена. Пред извесен период некој со пипс на „ѕидот“ на куќарката и остави порака „Вештерка“, вели анонимен граѓански новинар. Вчера импровизираниот дом на оваа жена беше срушен. А министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека ќе се обидат да најдат конечно решение за нејзино вдомување.

Третата награда овој пат ја доби фото-сторијата „Смрт за омразата“ на граѓанскиот новинар Емрах Реџепи.

Оваа фотографија зборува за графит со говор на омраза во Градскиот трговски центар, кој подоцна на креативен начин беше претворен во конструктивна и позитивна порака.

Виктор Поповски, добитник на втората награда за граѓанско новинарство

Втората награда за сторијата „Уставобранителите нападнаа момче на улица пред Собрание“ ја добри граѓанскиот новинар Виктор Поповски, кој од теренот извести дека за време на протестите пред Собранието на Република Македонија против уставните измени, дел од учесниците нападнале случаен минувач на велосипед.

Дамјан Темков, добитник на првата награда за граѓанско новинарство

Првата награда, најзаслужено повторно отиде во рацете на граѓанскиот новинар Дамјан Темков, чии стории секогаш предизвикуваат огромно внимание во јавноста, во медиумите, но и кај институциите.

Овој пат Темков е награден за фото-сторијата „Залижаните градоначалници и залажаните граѓани“ – фотографиите од земјиштето пред Мајчин дом во Аеродром. Неговите фотографии беа првите коишто ги предупредија граѓаните дека изградбата на спорната парцела започнува. По оваа сторија медиумите и социјалните мрежи беа преплавени од лавина од реакции, по што беа организирани и протести. Градоначалникот на Аеродром привремено ја запре изградбата на локацијата, а конечното решение се уште се очекува.

ЦИВИЛ на секои два месеци ги наградува најуспешните и највлијателните стории на граѓански новинари.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да учествуваат во проектот #ГраѓанскиОбјектив, и да станат дел од големото семејство на граѓански новинарки и новинари ширум светот кои, со својот активизам го менуваат општеството.

Исто така, граѓанките и граѓаните можат да испратат видео и за иницијативата #БарамОдговор. Идејата на оваа иницијатива е, преку видео или селфи видео, граѓанките и граѓаните да постават прашање до политичар/политичарка или јавна личност, а снимката ЦИВИЛ ќе ја објави на своите онлајн канали. Доколку прашањето е провокативно или едноставно, граѓан(к)ите сакаат да останат анонимни, оставена е опција да се снима објект или некоја ситуација, додека се поставува прашањето. Во зависност од одговорот и реакцијата на иституциите или надлежните до кои е упатено прашањето, овие видеа исто така влегуваат во наградниот циклус.

Граѓански објектив е проект на ЦИВИЛ кој им отвора можност на граѓанките и граѓаните  да ги објавуваат своите стории слободно и без цензура. Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy.

М. Ивановска

This post is also available in: Albanian English