Побарајте одговор од надлежните за проблемите кои ве мачат

ЦИВИЛ уште еднаш им се обрати на активните граѓанки и граѓани: „Доколку имате некаква дилема, сакате да го искажете своето негодување или барате одговор, како на пример: Ве нема на Избирачкиот список, во вашиот дом има фантоми… имате можност, преку иницијативата #БарамOдговор, дирекно да се обратите до надлежните. Граѓанските новинарки и новинари се тие кои го менуваат светот и без страв известуваат, но и бараат одговори“. 

Идејата на иницијативата #БарамOдговор е преку видео или селфи видео, граѓанките и граѓаните да постават прашање на политичар/политичарка или јавна личност, градоначалник/градоначалничка, институции (здравство, образование, полиција, труд и социјала…), буквално, на сите институции и лица кои имаат обврска да бидат на располагање на јавноста и да дадат одговор за секое прашање кое ги засегнува луѓето. Според правилата во оваа иницијатива, видео снимката ЦИВИЛ ќе ја објави на своите онлајн канали, а прашањето ќе биде адресирано до соодветната институција или јавна личност до кого е упатено прашањето. Одговорот ќе биде објавен, исто така.

Доколку граѓан(к)ите сакаат да останат анонимни, имаат опција да снимаат објекти, таблата со името на некоја институција или некоја ситуација, со рака напишано името на институцијата на парче хартија или да ја снимаат нивната веб страница, додека го поставуваат прашањето.

Во оваа деликатна политичка ситуација, граѓанските новинар(к)и може да одиграат значајна улога во државата, особено во пресрет на Референдумот за договорот со Грција. Граѓанските новинар(к)и, покрај тоа што ќе бараат одговори, тие исто така ќе снимаат и фотографираат сомнителни ситуации, како на пример – агитирање, попречување на гласањето, поткуп на гласачи, заплашување, закани, недолични пораки и транспаренти, говор на омраза…

Прилозите во кои авторката/авторот сакаат да бидат анонимни, ќе бидат соодветно модификувани за да го откријат нивниот идентитет. Но, мора да се запомни дека ЦИВИЛ мора да го знае идентитетот и контактот на автор(к)ите, како и на учесниците во настанот што се снима.

Прашањата за #БарамOдговор може да се испратат во видео формат (селфи видео) на civil.macedonia@gmail.com, на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на Фејсбук страницата на граѓанските новинар(к)и (како приватна порака).

Како илустрација, на веб страниците Граѓански објектив и на ЦИВИЛ Медиа, како и на фејсбук страниците на организацијата, се објавија повеќе видеа во кои граѓаните поставуваат прашања до институциите со прашања кои, на пример, се однесуваат на подобрување на здравството во Македонијана иднината на младите, како и промотивното видео со кое се повикуваат граѓанките и граѓаните да проговорат, да снимаат и фотографираат, со овозможен слободен простор на онлајн каналите на ЦИВИЛ, за јавен притисок кон институциите што често се глуви за проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

Д.Муратов