Портокалова фаза: Работниците на терен, инспекциите не можат да постигнат!

До редакцијата на ЦИВИЛ Медиа пристигна видео од општина Аеродром, каде работници интензивно работат на реконструирање на булеварот „АСНОМ“, и покрај препораките на Министерството за труд и социјална политика, работниците да не работат на отворено, во периодот меѓу 11 и 17 часот.

„Апел до некој што знае каде ова може да се пријави и некој да интервенира да не умрат работниците... На сонце, на повеќе од 50 степени, плус - смрди тоа испарениот асфалт, ти се згадува од поминување само“, ни напиша Дамјан Темков.

Откако од ЦИВИЛ му беа посочени отворените линии за пријавување на прекршувањата на препораките, Темков вели дека добил одговор дека за цело Скопје има само три инспектори, кои не можат да постигнат да постапат по сите пријави, но и дека тие не можат да ја сопрат работата доколку тоа не го одлучат работодавачите.

Утрово, ресорното Министерство излезе со соопштение во кое се вели: „Министерството за труд и социјална политика ги потсетува работодавачите на нивната обрска за почитување на препораките за заштита на работниците, а во врска со најавите за неповолни временски услови. Со оглед на тоа што се прогнозира 'Портокалова фаза', ве информираме за препораките на Министерството за здравство: По одржаниот состанок на Комисијата за топлотни бранови, се препорачува во следните три дена (од петок до недела) од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
На работодавачите им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено, во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа. Прекршувања на препораките од  работодавачите може да се пријавуваат и кај дежурниот инспектор кој ги координира екипите низ државата на 075/402 856“.

Минатиот месец, по сторија на граѓански новинар на ЦИВИЛ за работниците кои работат на отворено на пеколни температури, Министерството за труд и социјална политика отвори линија за пријавување на прекршувањата на препораките од МТСП и Министерството за здравство.

По отворањето на линијата, МТСП изрече забрана за работа на 37 правни лица.

This post is also available in: Albanian English