Стојкова: Проблемите се секаде околу нас!

ЦИВИЛ-Центар за слобода денeска додели пет награди на граѓанските новинар(к)и коишто во изминатите два месеца, испратија фото и видео-содржини што сведочат за прекршување на човековите права и слободи, за злоупотреби на службената должност, за социјалната (не)правда, за загадувањето на животната средина…

Првата награда во овој циклус на награди дел, како дел од проектот „Граѓански објектив“, ја доби Росица Стојкова од Лозово, која студира во Скопје, за видео прилогот „Собрание на Република Македонија: Не пропуштаат возило на Брза помош“. Со Стојкова разговаравме за мотивот да се сними кратко видео во тензична атмосфера, како што беа настаните на 27 април, кога дел од поддржувачите на граѓанското движење „За заедничка Македонија“, насилно упаднаа во Собранието и повредија неколку пратеници, новинари и полицајци.

„Нечовечноста на луѓето кои не дозволуваа амбулантното возило да пристигне до Собранието, за да им се помогне на повредените, беше мотив да посегнам по телефонот и да го снимам видеото“, вели Стојкова.

Според неа, проектот „Граѓански објектив“ што ЦИВИЛ го спроведува веќе две години со поддршка на National Endowment for Democracy, придонел да биде похрабра за да ги снима и фотографира проблемите кои, како што вели таа, ги има секаде околу нас.

Проектот „Граѓански објектив“ е посветен на промовирање одговорни и транспарентни политички процеси во Република Македонија, преку обуки за граѓанско новинарство, медиумска продукција и јакнење на јавната свест.

ЦИВИЛ ги охрабрува граѓанките и граѓаните да бидат активни чинители во општествените промени и во надминувањето на медиумскиот мрак, за заеднички да придонесеме кон подобрување на ситуацијата и кон општествените промени.

М. Т.

This post is also available in: Albanian English