Зошто станав граѓански новинар?

Граѓанското новинарство за мене е повеќе од хоби. Тоа е страст, која ме преокупира веќе неколку месеци! За овој граѓански концепт на новинарство, дознав додека барав некој начин за да пишувам и јавноста да ја дознае вистината за неколку работи што ме мачеа и сè уште ме мачат, во врска со нефункционирањето на институциите и неможноста на луѓето во нашата земја целосно да ги остваруваат своите права.

Пишува: Вулнет Махмути

Тогаш дознав за ЦИВИЛ – Центар за слобода..

Најпрвин, се пријавив и учествував на семинар за граѓанско новинарство, каде што слушнав многу работи што не ги знаев, научив дека со мојот мобилен телефон (смартфон) можам и да фотографирам и да снимам настани што се случуваат во нашето секојдневие. И како најважно, научив дека она што ги засега граѓаните, да го срочам во текст, што ќе ги информира за тоа што се случува.

Поради граѓанското новинарство, почнав да се интересирам и за другите активности на ЦИВИЛ.  Се приклучив на тимот за време на „Караванот на слободата“, се запознав со екипата, ја крстаревме земјата, бевме во над 40 населени места, се дружевме со видни уметници, интелектуалци, активисти, музичари, заедно со граѓанките и граѓаните, низ цела Македонија.

Многу мои пријател(к)и често ме прашуваат што е тоа граѓански новинар, и зошто сум јас граѓански новинар, кога има толку многу медиуми кај нас?

Станав граѓански новинар, затоа што сакам да помогнам за да се дознае вистината за сите работи кои се случуваат во нашата држава. Да, точно е има многу медиуми кај нас. Но, колку од тие медиуми денес ја кажуваат вистината? Знаеме, гледаме, слушаме и читаме, дека голем број од медиумите се зависни од одредени бизнисмени, како и од партии, а особено, од оние кои (беа) се на власт или се блиски до неа. Сведоци сме како одредени медиуми ја кријат вистината од јавноста, од сите нас. Ги кријат лошите работи на власта, на министерствата, на локалната власт, не известуваат за разните злоупотреби и кршења на човековите права, ги штитат моќниците...

Токму затоа што има многу зависни медиуми, јас решив да станам граѓански новинар, да делувам и да информирам што е можно повеќе луѓе за тоа што е вистина, а се крие од нас.

Имам напишано неколку текстови, снимено повеќе видеа и фотографии како граѓански новинар. За еден од моите прилози, каде што се зборува за тоа колку нашата држава се грижи за безбедноста на граѓаните и туристите, со наслов  „Скопје 2014“: Рискантна прошетка по плоштадот „Македонија“ , добив и награда на конкурсот за граѓански новинари од проектот „Граѓански објектив’,.

Не е воопшто тешко!

Граѓански новинар може да стане секој што сака, секој кој знае да го употребува својот паметен телефон, користи социјални мрежи и е мотивиран да ја каже вистината!

Затоа, сакам да пратам порака до сите мои сограѓани, другарки и другарки, да се заинтересираат и да станат граѓански новинари. На нашата држава ѝ требаат слободни умови и луѓе кои се борат за вистината и слободата, нешто што овие години многу ни недостасува.

This post is also available in: Albanian English